Природното дрво е одличен, убав и еколошки материјал, совршен за дизајн на елементи во детската соба. Природното дрво помага да се донесе чувство на органска убавина и да се создаде природен изглед. Декорациите од бор, даб, бреза и јавор создаваат релаксирачка, мирна и пријатна атмосфера во детските простории, додека дрвените sидови и дизајни за тавани, детскиот мебел, украсите на подот и детските играчки додаваат карактер на модерните детски спални соби на природен и еколошки начин. Не само што дрвото дава прекрасна текстура и топлина во собата, туку и овозможува негова поширока намена. Овие производи се карактеризираат со издржливост, безбедност и сигурност. Доколку сте креативни љубители на обработки од дрво и сакате да почнете да изработувате производи во домот, зошто да не започнете онаму каде се нуди најголем избор, токму во детските спални соби, овие производи се секогаш барани, а поради нивната мултифункционалност и потреба, брзо се продаваат:
Маса за пресоблекување
Направете функционален дрвен елемент. Во денешно време, каде производите кои нудат максималното искористување на просторот се најмногу барани, зошто да не направите висечки елемент кој ќе може да се користи како плакарче за складирање на неопходните работи и како маса за пресоблекување на бебето. Искомбинирајте ги функционалноста и стилот, и минималистичкиот дизајн на овој производ ќе ви донесе голем профит.
Релаксатор
Направете мултифункционална лулашка што може да претставува лежиште за бебето, а покасно и столче за лулање на повозрасно дете. Имајте на ум дека дрвото е секогаш подобар избор од пластиката. Додадете мек плишан материјал што ќе го усоврши вашиот релаксатор и ќе ја зголеми удобноста. При изработка најдобро би било да користите буково дрво.
Хранилка
Направете дрвена хранилка која лесно ќе се прилагоди во работна масичка со столче за поголемо дете. Како што веќе спомeнавме, мултифункционалноста се продава, па бидете креативни и вложете ги своите идеи во нешто што вашите пластични и метални конкуренти не се флексибилни да го направат.
Комода, корито и подлога
Зошто да направите еден производ, кога можете 3 во 1. Дрвениот мултифункционален комплет треба да содржи: када, подлога за повивање, комода, испуст за вода со црево, 4 фиоки и тркалца. Како баран производ на пазарот е лесен за правење, а со неговата продажба се остварува висок профит. Можете да го продавате по различни цени во зависност од димензиите и бидејќи заменува 3 производи, кој лесно можете да го позиционирате на пазарот.
Комода
Направете практична комода со атрактивен изглед која ќе пружа голем простор за складирање. Бидете креативни и играјте со просторот. Смислете начин на кој во мал простор ќе може да се складираат повеќе работи.
Детско креветче
Дизајнирајте креветче кое на клиентите ќе им заштеди простор и пари, а вам ќе ви донесе заработувачка. Практичните креветчиња веќе одамна ги заменија традиционалните форми на класично креветче. Искористете ги можностите на дрвото и направете повеќенаменски кревет кој би можел да се трансформира со текот на времето. Може да се состои од 5 дела: креветче за бебе, комода за складирање на облека и други реквизити, кревет за дете до 12 години (доколку овозможите вадење на креветчето за бебе и комодата), додатен кревет (со извлекување на фиоката и поставување на душек) и како биро за деца (трансформација со едноставно свртување на креветот со што се добива функционално биро за вашето дете). Доколку ова звучи комплицирано пробајте да направите детско креветче со фиоки кој воедно ќе служи и како релаксатор со механизам за лулање. Можностите се бесконечни и изборот на материјали е голем, можете да користите квалитетен медиапан, иверка или тврдо дрво кое ќе го прилагодите на условите, се зависи од вас.
Столици и маси
Направете квалитетни и стилски детски столчиња кои не само што ќе изгледаат модерно и интересно и ќе ја разубавуваат собата, туку ќе бидат дизајнирани за да го поддржат правилното развивање на телото и долгорочното зачувување на здравјето на најмалите.
Куќичка за играње
Бидете секогаш отворени кон идеите да направите нешто што ќе предизвика детско задоволство, бидејќи тоа е она што денес најмногу се бара. Секое дете сака да има сопствена куќичка за играње во својот дом. Можете да направите голема куќа на неколку катови, или мала како стан. Можете да ја уредите по ваш избор или да направите мебел кој подоцна сами ќе го сместуваат. Се зависи од желбите и финансиските можности на клиентите.
Дрвена персонализирана рамка
Направете дрвена коцкаста рамка, дизајнирајте ја со некој уникатен дизајн и персонализирајте ја. Во оваа рамка би можеле да поставите сувенир на дланката или на стапалото на бебето. Како што трендот на колачиња со чекорчиња се зголемува, зошто да не направите ваков интересен, креативен, а воедно и лесен за изработка производ кој брзо би се продавал. Се што ви е потребно е само добро рекламирање на Интернет и бараноста за производот ќе расте.
Внатрешно игралиште
Потребите на пазарот за ваков производ се покажаа со висока побарувачка. Внатрешно игралиште за дете е безбеден, удобен и сигурен производ. Позитивните страни од ваквиот производ е во тоа што родителите би можеле да ги вршат своите домашни работи, додека детето, без ризик од повреда ќе може да си игра во границите на оградената територија. Постојат различни модели и материјали за изградба на ваков производ, меѓутоа педијатрите советуваат да се дава предност на дрвени модели, бидејќи дрвото е еколошки материјал и носи повеќе бенефиции за детето. Овие игралишта можете да ги нудите за продажба како во малопродажба за семејствата, така и во големи иституции како градинки, занимални и останато. Уште една причина за да започнете со изградба на ваков производ.
Плакар
За повеќемина, после креветот, гардероберот е најважниот дел во собата. Како и за повеќето работи, различни луѓе имаат различни барања за плакарот, па поради тоа плакарите имаат најразлични форми и димензии за да се прилагодат на желбите и потребите.
Сталажи и букви
Декорацијата и украсите се најважниот дел во уредувањето на една соба. Дрвените сталажи како украсни, така се и неопходни за поставување мали предмети во собата кои сакате да привлечат внимание или пак за чување на книги. Изборот е голем, како и желбите на купувачите, на вас е да им излезете во пресрет.
Вежбална
Секогаш било предизвик да се направат дрвени, поквалитетни производи од досегашните постоечки. Бидете храбри и започнете со ваков подвиг, лесни се за правење, а ретки на пазарот поради висока позиционираност на пластичните конкуренти.
Разделувач на соба
Одличен производ од дрво што нуди ефикасност доколку располате со помал простор од потребниот. Со овој производ може да се подели собата на два еднакви дела и секој дел да си биде засебен, а може да се користи за разубавување на собата за малите принцови и принцези, како и за криење на среќниот неред во детската соба. Овој сенаменски производ од дрво претставува можност за препознатливост на пазарот според формите и идеите кои ќе ги вложите и би било пожелно да ставите свој жиг на ваквиот производ.
Дрвени играчки
За разлика од нивните пластични конкуренти, дрвените играчки можат да го положат тестот на издржливост со текот на времето. Не само што тие поседуваат долговечност и се еколошки, туку и играчките од дрво изгледаат прекрасно во детските спални соби и градинките, што е една од причините зошто овие необични предмети секогаш ќе бидат барани. Можете да започнете да правите дрвени играчки со кои ќе се стимулираат малите умови да ги развиваат своите моторни вештини. Ваквите производи биле, а и ќе бидат секогаш со голема побарувачка, бидејќи секој родител го сака најдоброто за развитокот на своето дете. Овој вид на играчка ќе може да го чува години, како убав спомен од детството или пак да го пренесе на следните генерации, што не е случај со денешните пластични играчки. Еве неколку идеи за играчки од дрво:
- Сортер за форми. Тоа го прави играњето забавно и им помага на децата да научат да распознаваат различни форми и бои.
- Дрвена количка со коцки. Со помош на триесетте шарени коцки, децата ќе можат да ги научат буквите од англиската азбука, формите, боите, нови зборчиња, броевите и уште многу други нешта.
- Активен центар. Сигурно сте ја сретнале оваа играчка во многу градинки или едукативни центри за најмалите, занимални. Ова е стимулативна, креативна играчка која содржи лавиринт со дрвени топчиња во разни бои, сортирач на форми, сметало, блокчиња за броење од 1 до 10 и многу други нешта. Совршена е за поттикнување на социјалноста и споделувањето, бидејќи со неа истовремено можат да играат повеќе.
- Сложувалка. Можете да направите сложувалки во различни форми за учење на облиците. Направете прекрасна пеперутка со тоа што на секој облик ќе го најдете правилното место. Минимална возраст за играње со оваа играчка е 18 месеци.
- Алка за допирање и тропалка. Играчка што се наоѓа близу секое бебешко креветче. Алките за допирање се неопходни за раката на бебето уште од најрана возраст. Тие го активираат рефлексот за фаќање, го потпомогнуваат развојниот процес и пренесуваат дразби кои му помагаат на бебето да ја открие околината. Затоа истите се толку барани.
Постојат уште безброј примери за детски играчки, како дрвени кукли, возови, дрвени колички, разни дрвени животни, дрвени блокови и останато. Изборот е голем, само е потребна решителност да се започне со работа.